Во пресрет на летните горештини…

Ако телото не добива доволно течности потребни за неговото нормално функционирање, ќе дојде до дехидратација. Ако не пиете доволно течности или ако имате дијареја, ризикот од дехидратација се зголемува. Тоа може да биде исклучително опасно за старите лица и за оние со слаб имунолошки систем.

Лекарите препорачуваат во најблиската амбуланта да се јават сите оние кои ги имаат следните симптоми на дехидратација: постојано чувство на жед, сува и леплива уста, неможност за создавање солзи, нередовно мокрење и промена на бојата на урината во многу темна, сува кожа, несвестица и вртоглавица, постојан замор и ако кожата не се враќа во нејзината првобитна состојба по стискање.

Во случај на блага дехидратација, пиењето течности обично е доволно да се реши проблемот. Многу подобро е да пиете почесто, а помали количини, отколку големи количини течности одеднаш. Прекумерното внесување на течности за време на дехидратација може да предизвика повраќање. Кај доенчињата и малите деца треба да се избегнува користење на вода како примарен извор на течности. Во овој случај многу подобар избор се електролитските раствори, кои можат да се купат во аптеките.

Во случај на тешка дехидратација, хоспитализација и интравенски внес на течности се единствениот начин да се реши проблемот.

Затоа, внесувајте 2 литри вода или други течности (околу 8 чаши), само така ќе бидете сигурни дека консумирате доволно за да избегнете дехидратација и да му овозможите на вашето тело правилно да функционира.